Случајот со видеото објавено на социјалната мрежа „ТикТок“, на кое се гледа палење на македонското знаме, е целосно расчистен од страна на полицијата, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштија дека случајот го расветлиле Секторот за внатрешни работи Тетово, односно Одделението за компјутерски криминал, во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
Според полициските информации, на 22 септември 2026 година, при редовен мониторинг на социјалните мрежи, полициски службеници забележале видеообјава со содржина за која е утврдено дека се однесува на кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“.
Од МВР наведуваат дека станува збор за дело предвидено и казниво според член 319 став 1 од Кривичниот законик.
По преземањето на оперативните мерки и активности, полицијата на 23 септември успеала да го утврди идентитетот на лицето кое стоело зад профилот од кој било објавено видеото. Станува збор за малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово.
Малолетникот бил повикан во полициските простории, каде што бил извршен службен разговор во присуство на негов родител и претставници од Центарот за социјална работа Тетово. Во текот на разговорот, според МВР, тој го признал стореното.
Со согласност од родителот, полицијата го обезбедила и мобилниот телефон од кој било поставено видеото. Уредот бил потребен за понатамошната постапка, како и за фотодокументирање на доказите поврзани со случајот.
Во текот на разговорот, малолетникот открил и дека во настанот учествувале уште три малолетни лица. Од полицијата информираат дека тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица, со цел да се утврдат сите околности и целосно да се расчисти случајот.
МВР посочува дека по комплетирањето на целокупната документација и прибирањето на потребните докази, до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде доставен соодветен поднесок.







