Значително намалување на бројот на загинати и повредени во сообраќајни несреќи е регистрирано во првите осум месеци од 2026 година, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Според статистиката на МВР, во периодот од јануари до август годинава во сообраќајни несреќи животот го загубиле 62 лица. Во истиот период минатата година биле регистрирани 96 загинати, што значи дека бројот на жртви е намален за 34 лица, односно за 35,42 проценти.
Покрај намалувањето на бројот на загинати, во споредуваниот период е регистриран пад и кај вкупниот број лица настрадани во сообраќајни незгоди. Лани нивниот број изнесувал 4.731, додека годинава е намален на 3.868 лица.
Од МВР посочуваат дека тоа претставува намалување од 863 загинати и повредени лица, односно 18,24 проценти.
Намален е и вкупниот број сообраќајни незгоди. Од 5.485 регистрирани во првите осум месеци од 2025 година, бројката годинава паднала на 4.840. Тоа претставува намалување од 645 сообраќајни незгоди, односно 11,76 проценти.
Посебно намалување има кај сообраќајните несреќи со смртни последици. Нивниот број од 82 во истиот период лани паднал на 54 годинава, што е намалување од 34,15 проценти.
Незгодите со тешки телесни повреди, пак, се намалиле од 594 на 528 случаи, односно за 11,11 проценти.
Евиденцијата на МВР покажува дека е намален и бројот на сообраќајни незгоди во кои имало телесни повреди. Лани биле регистрирани 2.291 ваква незгода, додека годинава нивниот број изнесува 1.896.
Кај сообраќајните незгоди во кои е причинета материјална штета, бројот е намален од 2.518 на 2.362.
Во првите осум месеци годинава има 833 лица помалку со телесни повреди во споредба со истиот период минатата година. Бројот на лица кои претрпеле тешки телесни повреди, сепак, останува на слично ниво – во 2025 година биле евидентирани 686, а годинава 690 лица.
МВР во објавените податоци прави споредба и со претходниот период. Од 2010 до 2025 година, бројот на лица кои годишно ги губеле животите во сообраќајни несреќи се движел меѓу 116 и 198. Во 2019 и во 2025 година биле регистрирани по 132 загинати лица.
Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека позитивните показатели во 2026 година се поврзани со повеќе мерки, меѓу кои системот „Безбеден град“, измените во законската регулатива, засилените полициски контроли и континуираните превентивни активности.
Особено внимание МВР посветува на системот „Безбеден град“, преку кој од 1 февруари 2026 година започна санкционирањето на сообраќајните прекршоци.
Со овој систем прекршоците се регистрираат автоматски, предметите се обработуваат електронски, а известувањата до граѓаните се доставуваат преку СМС пораки и електронска пошта.
Според МВР, целта не е само воведување нова технологија, туку промена на начинот на кој се спроведуваат сообраќајните правила – од повремени контроли кон континуирано и неселективно постапување.
Од Министерството оценуваат дека на овој начин се зголемува веројатноста секој детектиран прекршок да биде процесиран, се ограничува можноста за субјективно постапување и се создава превентивен ефект врз однесувањето на учесниците во сообраќајот.
МВР најавува дека активностите ќе продолжат и во наредниот период, со дополнително унапредување и проширување на системот „Безбеден град“, засилени контроли и други мерки насочени кон намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени лица и загубени човечки животи.









