ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЦАРИНАТА НИЗ МАКЕДОНИЈА: 13 лица приведени, претреси на над 20 локации во повеќе градови!

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЦАРИНАТА НИЗ МАКЕДОНИЈА: 13 лица приведени, претреси на над 20 локации во повеќе градови!

Голема полициско-царинска операција е во тек во повеќе делови од земјава, откако надлежните институции откриле организиран систем за шверц на цигари и избегнување на плаќање на давачки во вредност од неколку милиони евра.

Операцијата носи кодно име „Филтер“, а во неа се опфатени повеќе категории лица и субјекти за кои постојат сомненија дека биле дел од организираниот систем. Меѓу нив се шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, но и полициски и царински службеници.

Акцијата ја спроведува Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги и Одделението за истраги, во координација со Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во истрагата бил вклучен и надлежниот јавен обвинител, а со преземените активности, според Царинската управа, биле откриени повеќе случаи поврзани со организиран шверц на големи количини цигари.

Истрагата, исто така, утврдила сомнителни активности поврзани со избегнување на плаќање на царински и други давачки, чија вкупна вредност се проценува на неколку милиони евра.

Како дел од утринската акција, досега се приведени 13 лица. Во исто време, службениците спроведуваат претреси на повеќе од 20 локации.

Претресите се одвиваат на подрачјата на Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.

Од надлежните институции се очекуваат дополнителни детали за текот на операцијата „Филтер“, вклучително и информации за лицата опфатени со акцијата, пронајдените докази и начинот на кој функционирал системот за шверц на цигари.

Царинската управа најави дека подетални информации за целата операција ќе бидат соопштени во текот на денот.