Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира граѓаните дека поради претстојниот верски празник Богојавление – Водици, во понеделник, 19 јануари 2026 година, ќе има изменет режим на сообраќање на јавниот превоз во главниот град.
Најголемиот дел од автобуски линии ќе сообраќаат според неделен возен ред, што значи поретки поаѓања во споредба со работните денови. Од ЈСП апелираат патниците навреме да ги планираат своите патувања.
Исклучок од неделниот режим ќе бидат следните линии: 18А, 32, 51, 56, 56А, 70, 74, 81, 118 и 180, кои на денот на празникот ќе сообраќаат според саботен возен ред.
Во однос на продажбата и надополнувањето на билети, ЈСП соопштува дека на Водици ќе работи само билетарницата во Транспортен центар, и тоа со скратено работно време од 07:00 до 14:00 часот. Сите останати билетарници ќе бидат затворени.
Од ЈСП Скопје потсетуваат граѓаните да се информираат навреме за возниот ред и да избегнат непријатности при користење на јавниот превоз на празничниот ден.

















