Наводната тајна ќерка на легендарниот фронтмен на „Квин“, Фреди Меркјури, починала на 48-годишна возраст по долга и тешка борба со исклучително редок облик на рак на ’рбетот. Нејзиното постоење со години било чувана тајна, а во јавноста стана познато дури неодамна, преку книгата „Љубов, Фреди“.
Жената, позната само под иницијалот Б, е родена во 1976 година, наводно како резултат на кратка врска помеѓу Фреди Меркјури и сопругата на негов близок пријател. Нејзиниот сопруг за британските медиуми потврдил дека таа починала мирно, по долга борба со хордом – исклучително редок и агресивен тумор кој се појавува на ’рбетот или во основата на черепот.
Зад себе оставила два сина, на возраст од девет и седум години. Нејзините посмртни останки, според зборовите на вдовецот, биле расфрлани во Алпите.– Таа сега е со својот татко – изјавил тој.
Тајна што ја знаеле само најблиските
Постоењето на Б. беше откриено од биографката Лесли Ан Џонс, која во книгата тврди дека Фреди Меркјури ја нарекувал „мојата ќерка“ и дека тајната била позната само на најтесниот круг – членовите на „Квин“, семејството на пејачот и неговата долгогодишна партнерка Мери Остин.
Никој од нив никогаш јавно не зборувал за тоа, почитувајќи ја желбата на Б. нејзиниот идентитет да остане скриен.
Тешка болест уште од најрано детство
Авторката открива дека Б. се борела со сериозна болест уште од детството, што, според неа, било и вистинската причина зошто семејството често се селело – за да има пристап до најдобар можен медицински третман.
Хордомот е еден од најретките и најопасните видови рак, а прогнозите за пациентите се исклучително тешки. Б. со болеста живеела со децении, а последните години од животот биле особено тешки.
Зошто никогаш не излезе во јавноста
Иако постоеле разговори во иднина да се објават фотографии од Б. со Фреди Меркјури, таа никогаш не сакала јавно да биде откриена. Причината била нејзината професија – работела како докторка и стравувала дека вистината за нејзиното потекло може да влијае на односот со пациентите.
Во текот на четирите години додека се подготвувала книгата, таа веќе била сериозно болна, но сепак соработувала со авторката.
„Тој беше и секогаш ќе биде мој татко“
Во рачно напишано писмо, објавено во книгата, Б. јасно навела дека Фреди Меркјури бил нејзиниот татко и дека имале силна и блиска врска сè до неговата смрт во 1991 година.
– Тој ме сакаше безрезервно и ме чуваше како најскапоцено богатство. Околностите на моето раѓање никогаш не ја намалија неговата љубов кон мене – напишала таа.
ДНК тестот и контроверзиите
Б. тврдела дека направила ДНК тест кој потврдил дека Фреди Меркјури е нејзиниот биолошки татко. Иако дел од јавноста изрази сомнежи, авторката на книгата истакна дека сите потребни проверки биле направени со вклучување на правни тимови, но резултатите остануваат приватни.
Со нејзината смрт, зад себе останува една од најмистериозните и најтажни приказни поврзани со животот на Фреди Меркјури – приказна за љубов, тајна и тивка борба што траела цел живот.


















