ПРВ.мк
Македонија

ВАЖНА ПРОМЕНА ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ: Со една изјава ќе можете да одлучите што ќе се случи со вашите органи по смртта!

ВАЖНА ПРОМЕНА ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ: Со една изјава ќе можете да одлучите што ќе се случи со вашите органи по смртта!

Секој граѓанин во иднина ќе може самостојно да одлучи дали сака да ги дарува своите органи по смртта, благодарение на новите измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кои беа усвоени во Собранието.

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека изјаснувањето ќе се врши преку матичен лекар, со користење на нов дигитален модул во системот „Мој термин“. Според него, целиот процес ќе биде безбеден и ќе вклучува двојна верификација, со што ќе се обезбеди заштита на личните податоци и сигурност на изјавата.

Алиу нагласи дека секој граѓанин ќе има можност во секое време да ја промени или целосно да ја повлече својата одлука. Тој посочи дека ваквото решение ја гарантира личната слобода на избор, а воедно ќе им овозможи на институциите да добијат реална слика за бројот на луѓе кои сакаат да бидат органодарители.

Според министерот, новиот систем ќе помогне и во подобро разбирање на причините поради кои дел од граѓаните се воздржуваат од органодарителство, без разлика дали станува збор за недоволна информираност, страв или недоверба. Тој најави дека лично ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител кога системот ќе стане функционален.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека законските измени овозможуваат појасно евидентирање на волјата на граѓаните, но и создаваат подобри услови за развој на трансплантацискиот систем. Воедно, со новите решенија се намалуваат административните процедури, со што процесот на дарување органи и трансплантација треба да стане побрз, поефикасен и подостапен за пациентите на кои ваквиот вид лекување им е неопходен.

Според надлежните, новите законски решенија претставуваат значаен чекор кон модернизација на здравствениот систем, подобрување на трансплантациските услуги и обезбедување поголема правна сигурност за сите учесници во постапката.