По неколку постудени утра со температури под нулата, Македонија ја очекува нова промена на временските услови, со дожд, дополнително заладување, а кон крајот на неделата и можност за снег на одредени места, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Утрешниот ден ќе биде претежно сончев, но утринските температури ќе се спуштат под нулата во делови од земјава. Во среда кон крајот на денот се очекува зголемување на облачноста, по што ќе започнат повремени врнежи од дожд.
Според прогнозата на УХМР, врнежите ќе бидат поинтензивни во четврток, особено во западните делови на Македонија, каде се очекува да паднат над 30 литри дожд на квадратен метар.
По дождливиот четврток, во текот на викендот се најавува нов продор на студен воздух, што ќе донесе дополнително намалување на температурите. Во такви услови, врнежите на одредени места ќе преминуваат од дожд во снег, па кон крајот на неделата можно е да настапат и зимски временски услови.
Снег веќе падна во Босна и Херцеговина
Зимските услови веќе пристигнаа во делови од Босна и Херцеговина, каде утринава беше забележан снег. Метеорологот Славчо Попоски на својот Фејсбук профил сподели фотографии од снежната покривка на Влашиќ.
И според неговите прогнози, Македонија ја очекува значително заладување поради продор на многу студен воздух од север. Утрото во вторник, 24 ноември, ќе биде многу студено, со минусни температури и појава на мраз во најголем дел од земјава. Облачноста ќе се намалува, а ветерот ќе ослабне.
Минималните температури во вторник ќе се движат од -6 до 3 степени, додека во повисоките населени места, особено на планинските предели над 1.500 до 1.600 метри надморска височина, температурите ќе се спуштат до околу -10 степени. На местата над 2.000 метри се очекува да бидат и под -10 степени.
И во Скопје и околината утрото во вторник ќе биде претежно ведро, студено и со слаб ветер или речиси без ветер. Температурата ќе се спушти до околу -2 степени.
Во текот на денот ќе преовладува претежно сончево време, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој повремено ќе засилува, особено во Повардарието.
Максималните дневни температури во земјава во вторник ќе се движат од 2 до 10 степени, додека во Скопје и околината температурата ќе достигне околу 7 степени.






