Домаќинствата во Македонија од 1 јануари би можеле да се соочат со повисоки сметки за електрична енергија, откако претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, најави можно поскапување од два до три проценти.
Во гостување на телевизија „Сител“, Ристов посочи дека, и покрај најавите од Владата во изминатите денови дека нема да има зголемување на цената на струјата, според актуелните анализи се очекува извесна корекција, која би била релативно мала.
Тој откри и дека се разгледува можноста дополнителниот трошок да се распределува преку тарифните модели, со цел финансискиот товар да биде порамномерно распределен меѓу потрошувачите.
Енергетските компании веќе ги доставиле своите финансиски и технички барања до РКЕ, а регулаторот во моментов ги анализира предложените пресметки.
Одлуките за цените на регулираните енергетски дејности треба да бидат донесени до крајот на годината, а новите тарифи, доколку бидат одобрени, ќе почнат да важат од 1 јануари.






