Косово воведе итна и целосна забрана за увоз на овци и кози од Македонија, откако беше потврдена појава на заразно заболување кај ситниот добиток во регионот на Липково. Одлуката ја донесе Косовската агенција за храна и ветеринарство, со цел да се спречи ширење на болеста надвор од македонските граници.
Според официјалното соопштение, мерката се темели на извештаи од системот ADIS и Светската организација за здравје на животните (WOAH), кои ја потврдиле присутноста на инфекцијата кај овците и козите во погодениот регион.
Забраната не се однесува само на жив добиток. Косовските власти донеле одлука да го стопираат и увозот на сите нуспроизводи од овци и кози, вклучувајќи кожи и волна, како и производи од животинско потекло кои не се термички обработени. Ова е во согласност со Законот за ветеринарство бр. 2004/21.
Од Агенцијата нагласуваат дека мерката стапува на сила веднаш и ќе остане активна сè додека не се направи нова проценка на ризикот од страна на меѓународните ветеринарни институции и надлежните органи во Косово.
Целта на оваа одлука е да се заштити здравјето на животните во земјата и да се спречи евентуално внесување и ширење на заразата, додека состојбата во регионот внимателно се следи.

















