Угостителите побараа одложување на Законот против пушењето и воведување преоден период со информативна кампања, пред целосното стапување на законските одредби, на средбата со државниот секретар во Министерството за економија и труд. Тие истакнаа дека ненадејната примена може да ја наруши работата на малите локали, кои сè уште се соочуваат со последиците од претходните кризи, зголемени трошоци и недостиг на работна сила.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека следната недела ќе се одржи нов состанок, на кој ќе присуствува и министерот за здравство, Арбен Алиу, со цел да се разгледаат сите опции пред почетокот на примената на Законот, закажана за 1 март.
– „Ги слушнавме забелешките на угостителите. Тие побараа прво кампања и информации, па потоа примена на Законот, за да бидат подготвени“, изјави Дурмиши.
Од здравствените власти предупредуваат дека било какво одложување ја продолжува изложеноста на граѓаните и вработените на пасивно пушење, што претставува сериозен ризик по јавното здравје.
Конечната одлука ќе биде донесена по состанокот со министерот за здравство и ќе биде насочена кон баланс меѓу заштитата на јавното здравје и економската одржливост на угостителскиот сектор.
Државата јасно порача дека целта на Законот е заштита на здравјето, но се разгледуваат сите можни решенија кои ќе бидат прифатливи за сите засегнати страни, вклучително и угостителите.

















