Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски конечно ги расчисти дилемите што со недели ги мачат возачите – дали „Safe City“ веќе казнува за погрешно паркирање и кратко запирање? Одговорот е јасен: не.
Гостувајќи во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, Тошковски објасни дека системот во моментов не се користи за ваков тип прекршоци, бидејќи таа функција сè уште не е активирана. Дури и за време на тест-фазата, како и по нејзиното завршување, не се евидентираат казни за паркирање и запирање.
Причината, според министерот, е потребата од претходно „нивелирање“ – односно јасно и усогласено поставување на сообраќајната сигнализација. Без прецизни знаци и правила, казнувањето би можело да создаде конфузија и неправди кон граѓаните и компаниите.
Тошковски нагласи дека МВР свесно не брза со санкции, бидејќи постојат реални ситуации во кои граѓаните немаат алтернатива – како итно запирање пред аптека или здравствен објект, каде што мора да постои разбирање.
Тој најави дека пред целосна активација на системот за вакви прекршоци, ќе мора да има координација со локалните власти, кои треба да утврдат временски зони за дотур на стока и да обезбедат соодветна сигнализација на сите критични точки.
До тогаш, полицијата ќе се фокусира исклучиво на најопасните сообраќајни прекршоци – оние што директно го загрозуваат човечкиот живот.

















