Сообраќајот на патот Битола–Ресен беше целосно прекинат попладнето на 3 февруари, откако група граѓани организираа протест и ја блокираа делницата А-3 кај местото познато како Ромска населба. Прекинот беше официјално евидентиран од Автомото-сојузот на Македонија во 16:10 часот, кога возачите беа предупредени дека патот е непрооден.
Според информации од локалните медиуми, демонстрантите запалиле гуми, пластика и отпад директно на коловозот, предизвикувајќи густ чад и сериозен ризик за безбедноста на сообраќајот. Протестот бил проследен со извици „нема правда, нема мир“ и „бараме правда“, а блокадата траела одреден временски период.
Иако во првичните сервисни информации на АМСМ не беше наведена причината за прекинот, медиумските извештаи посочуваат дека повод за протестот било одземањето на возила од лица кои управувале без положен возачки испит. Оваа мерка, според наводите, е поврзана со последните законски измени и заострените санкции за тешки сообраќајни прекршоци.
Дел од присутните јавно негодувале поради високата вредност на одземените автомобили, со пораки од типот „ми земавте кола од 5.000 евра“, а некои тврделе дека се чувствуваат дискриминирани бидејќи немаат финансиски можности да положат за возачка дозвола.
Според теренските информации, на протестот имало околу 200 лица, а на местото интервенирале и полициски екипи кои ја следеле состојбата и преземале мерки за одржување на јавниот ред и безбедноста.

















