Саиф ел Ислам Гадафи, син на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, е убиен во напад во неговата градина, јави извор близок до семејството за „Ал Арабија“. Според изворот, четворица вооружени лица отвориле оган кон Гадафи, а потоа го напуштиле местото на злосторството.
Засега не е јасно кој стои зад атентатот, ниту какви се мотивите за нападот. Либиската државна новинска агенција ЛАНА потврди за смртта, повикувајќи се на изјавата на неговиот советник Абдала Отман.
Саиф ел Ислам долго време беше сметан за потенцијален наследник на својот татко, а во 2021 година најави кандидатура за претседател на Либија. Изборите, меѓутоа, беа одложени на неопределено време.
Смртта на Саиф ел Ислам предизвикува нова политичка неизвесност во земјата, каде семејството Гадафи и понатаму има значително влијание, и отвора прашања за иднината на либиската политика и безбедност.
















