Учениците од средното училиште „Коле Неделковски“ денес ја посетија велешката фабрика Кристал, каде што имаа можност одблиску да се запознаат со начинот на работа и современиот процес на производство на дел од најпознатите домашни прехранбени производи.

За време на посетата, учениците го проследија целиот производствен циклус и видоа како настануваат препознатливите производи на Кристал – бренд кој со години важи за симбол на квалитет и традиција. Тие добија информации и за производството на зејтин, сусам, маргарин, локум, таан алва, како и други артикли од асортиманот на компанијата.

Посетата беше едукативна и инспиративна, бидејќи на учениците им овозможи да стекнат практични знаења за прехранбената индустрија и да го видат „од прва рака“ патот од производството до готовиот производ кој секојдневно се користи во домаќинствата.

Ваквите активности се важен чекор во поврзување на образованието со реалниот сектор и во мотивирање на младите да размислуваат за идни професии во индустријата.
















