Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ја потврди својата непоколеблива поддршка за меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН, по критиките што ги доби за говорот пред два дена за застарениот светски поредок.
„Гледањето на светот таков каков што е во никој случај не ја намалува нашата решеност да се бориме за светот што го сакаме“, рече Фон дер Лајен и додаде дека ЕУ е основана како мировен проект и дека посветеноста на мирот и меѓународното право останува исто толку релевантна денес како и при создавањето на Унијата.
Таа истакна дека Европа повеќе не може да се потпира исклучиво на старите светски поредоци и мора да гради сопствен европски пат, истовремено барајќи нови начини за соработка со партнерите.
Во однос на ситуацијата во Иран, Фон дер Лајен нагласи дека режимот под власта на Хамнеи го ограничувал гласот на неистомислениците и ги потиснувал основните слободи, додавајќи дека Иранците го славеле неговиот пад, додека младите се соочувале со брутална репресија. Таа потенцираше дека Иран го спонзорирал тероризмот во целиот регион.

















