Нова научна студија предупредува дека вештачката интелигенција би можела најсилно да влијае токму врз работните места на високообразованите луѓе. Истражувањето, насловено „Влијанија на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот: Нова мерка и рани докази“, го анализира јазот помеѓу тоа што вештачката интелигенција теоретски може да го направи и она што навистина се користи во пракса.
Авторите на студијата, Максим Масенкоф и Питер Мекрори, заклучуваат дека технологијата во моментов се користи за мал дел од задачите што може да ги извршува. Според нив, вештачката интелигенција веќе има потенцијал да извршува голем дел од работата во сектори како бизнис и финансии, менаџмент, компјутерски науки, математика, право и администрација.
Истражувачите ја анализирале професионалната употреба на моделот „Клод“ на компанијата Anthropic. Резултатите покажуваат дека, на пример, во компјутерските науки и математиката големите јазични модели теоретски би можеле да извршат дури 94 проценти од задачите, но во пракса моментално се користат за околу 33 проценти од нив.
Слична ситуација постои и кај административните работни места, каде што вештачката интелигенција може да изврши околу 90 проценти од задачите, но реалната употреба е значително помала. Истражувачите ова го објаснуваат како разлика меѓу „сината област“, односно потенцијалот на технологијата, и „црвената област“, која ја претставува реалната примена.
Ако овој јаз постепено се намали, најизложени на ризик би можеле да бидат токму високообразованите и подобро платени работници. Според анализата, луѓето во професиите најизложени на вештачка интелигенција заработуваат во просек 47 проценти повеќе, имаат речиси четири пати поголема веројатност да имаат постдипломски студии, а меѓу нив има и значително повеќе жени.
Во оваа група спаѓаат професии како адвокати, финансиски аналитичари, програмери, вработени во корисничка поддршка и службеници за внесување податоци. Од друга страна, околу 30 проценти од работниците речиси воопшто не се изложени на вештачка интелигенција. Тоа се занимања што бараат физичко присуство и мануелна работа, како готвачи, механичари, келнери или работници во кујни.
Иако технологијата има голем потенцијал, нејзината примена сè уште е ограничена поради законски пречки, технички слабости, потреба од дополнителни софтверски алатки и фактот дека луѓето мора да ги проверуваат резултатите што ги генерира вештачката интелигенција. Сепак, авторите на студијата сметаат дека овие пречки се привремени.
Истражувањето споменува и можност за сценарио што го нарекуваат „голема рецесија на белите јаки“, односно зголемена невработеност кај канцелариските професии. Засега такво сценарио не се случило, но експертите предупредуваат дека е можно во иднина.
Слични предупредувања доаѓаат и од технолошката индустрија. Извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, процени дека вештачката интелигенција може да наруши до половина од работните места на почетно ниво во канцелариите. Директорот за вештачка интелигенција на Microsoft, Мустафа Сулејман, исто така предупреди дека голем дел од професионалната работа може значително да се промени во следната година до година и пол.
Првите знаци на промени веќе се забележуваат и на пазарот на трудот. Во САД, стапката на вработување кај занимањата изложени на вештачка интелигенција се намалила за околу 14 проценти по појавата на ChatGPT, додека кај младите на возраст од 22 до 25 години падот на вработеноста изнесува околу 16 проценти. За дел од младите тоа значи подолго задржување на тековните работни места, преминување во други професии или враќање во образованието.

















