Пратениците на Комисијата за економски прашања, труд и енергетски политики едногласно го усвоија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, по скратена постапка. Пратеникот Кире Божиновски ја образложи потребата од законските измени, истакнувајќи дека со нив се решаваат две клучни прашања.
Прво, се овозможува продолжување на рокот за легализација и утврдување на сопственичкиот статус на трактори, земјоделски приколки, мобилни машини, мотоколтиватори, приколки за домување, како и возила од категориите 01, 02 и Л. Божиновски посочи дека постојат започнати постапки и жалбени процедури кои се уште не се завршени, па законот ќе обезбеди нивно завршување.
Второ, законското решение предвидува воспоставување појасна рамка за овластување на застапници и независни институции, како и воведување на регистри што ќе ги води надлежното министерство, со цел поголема транспарентност и контрола во водењето на постапките. Божиновски истакна дека измените немаат финансиски импликации врз државниот буџет и истовремено ја намалуваат опасноста во сообраќајот.
Предлог-законот е поднесен од пратениците Биљана Кузманоска, Благица Ласовска, Златко Пенков, Зоранчо Јованчев, Јулија Тушевска, Кире Божиновски, Моника Трајанова, Петар Ристески и Пеце Милевски.















