Речиси 80 проценти од пензионерите во Бугарија ќе добијат велигденски додаток, откако владата одлучи повеќе од 1,6 милиони постари лица да добијат финансиска поддршка за празникот, објави Факти.бг.
Бугарскиот министер за труд и социјална политика, Хасан Адемов, соопшти дека пензионерите со пензија или вкупни приходи до линијата на сиромаштија од 390,63 евра ќе добијат по 50 евра.
Пензионерите со приходи од пензии од 390,64 до 629,20 евра, колку што изнесува минималната плата, ќе добијат по 20 евра велигденски додаток.
Министерот истакна дека со оваа мерка се поддржуваат најранливите граѓани, додавајќи дека претходно само околу 33 проценти од пензионерите добивале додатоци за Велигден и Божиќ, бидејќи исплатата се однесувала само на лицата со пензии до линијата на сиромаштија.
Сега се проширува кругот на корисници за да се опфатат и пензионерите со примања до нивото на минималната плата. Средствата потребни за оваа мерка изнесуваат 57,8 милиони евра.
Адемов изрази надеж дека идниот парламент ќе ги усвои предложените измени во Законот за социјална помош, со кои поддршката би се проширила и на други ранливи категории, вклучувајќи лица со попреченост, семејства со ниски приходи и социјално загрозени граѓани.

















