Фејсбук страница, администрирана од Македонија, стана центар на скандал што ја потресува Словенија. На страницата се објавуваат аудиоснимки наводно од разговори меѓу високи функционери на власта, со сериозни обвинувања за корупција и политички манипулации.
Страницата „Maske padajo #nismofejk“ објавила повеќе снимки кои се тврди дека ги содржат разговорите на членови на владејачката партија „Гибање Слобода“. Администраторите тврдат дека располагаат со стотици такви разговори, кои постепено ги објавуваат на интернет.
Некои снимки, според словенечките медиуми, прикажуваат поранешната генерален секретар Весна Вуковиќ како разговара со партиски функционери за кадровски решенија, внатрешни прашања и односите во владата. Во друг дел, министерката за инфраструктура Аленка Братушек се споменува во контекст на наводни неправилности околу железничкиот проект Дивача–Копер. Исто така, се зборува и за притисоци врз институции и конфликти во владејачката структура.
Во една од снимките се спомнува и претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакоќар Зупанчиќ, при што се тврди дека примала дополнителни исплати преку партијата, што таа јавно го негира, оценувајќи ги наводите како „целосна лага и измислица“.
Словенечката полиција веќе ја истражува автентичноста на снимките и проверува дали при нивното создавање или објавување е сторено кривично дело, вклучително и можноста разговорите да биле нелегално снимени или обработени со вештачка интелигенција.
Од владејачката партија тврдат дека станува збор за црна кампања и не ја исклучуваат можноста снимките да се обработени или генерирани со помош на вештачка интелигенција.
Скандалот предизвика силни реакции во Словенија, каде јавноста и медиумите бараат одговор дали снимките претставуваат вистински разговори од врвот на власта или се дел од внимателно режирана дискредитација. Иако страницата е лоцирана во Македонија, тоа не значи дека содржините мора да се создадени тука, туку само дека страницата е регистрирана на македонска територија.


















