Прославата на роденден во едно основно училиште во Ланкастер се претворила во вистинска драма откако замена учителка на децата наводно им дала гумирани бонбони со канабис, поради што тројца малишани завршиле во болница.
Според извештаите на „Daily Mail“, инцидентот се случил за време на роденденската прослава на осумгодишно дете во основното училиште Sierra Elementary School, во рамките на надворешната училишна програма.
Замена учителката Фелиција Бојд (59) е обвинета дека тројцата браќа, на возраст од осум до 11 години, ги послужила со гумирани бонбони со канабис за да го прослават роденденот на најмладиот брат.
По консумирањето на бонбоните, дечињата – идентификувани во судските документи како А.В., Ј.В. и С.В. – станале летаргични и почнале да се чувствуваат лошо, по што итно биле пренесени во болница поради сомневање за труење.
Дечињата преку нивната старателка Кристал Сандовал поднеле тужба против учителката, училиштето и училишниот округ за немар и нанесување телесни повреди. Во тужбата се наведува дека школските администратори, вклучувајќи директор, медицинска сестра и други наставници, биле известени за инцидентот.
Тетка на дечињата изјавила дека забележала дека малишаните се чувствуваат лошо веднаш штом дошле дома од училиште.
„Мојот татко ги зел од училиште и еден од моите внуци веќе се чувствуваше лошо. Го прашав што се случило, а тој ми рече: ‘Не го чувствувам моето тело’. Прашав што јаделе, а тој ми рече дека тоа биле гумирани бонбони кои им ги дала учителката“, изјавила таа.
Според тужбата, учителката им дала бонбони од јарко розово пакување на кое било наведено дека секоја кесичка содржи 2000 милиграми THC.
Тетрахидроканабинолот (THC) е активна супстанца во канабисот која предизвикува психоактивен ефект, а секоја бонбона наводно содржела околу 20 милиграми, што се смета за голема доза, особено за дете.
Судскиот процес по инцидентот, кој се случил во април минатата година, е закажан да продолжи на 15 јуни.


















