Министерството за финансии при спроведен надзор над работењето на финансиските друштва утврдило повеќе измамнички трговски практики, особено поврзани со рекламирањето на финансиските услуги, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите.
При контролите било констатирано дека некои финансиски друштва рекламирале кредити со „0% камата“, иако во договорите за кредит биле предвидени дополнителни трошоци.
Исто така, биле забележани неправилности при рекламирањето на финансиски услуги под одредени брендови без јасно наведување кое финансиско друштво ја нуди услугата. Кај дел од друштвата се констатирани и користење повеќе веб-страници за истата услуга, како и разлики помеѓу називот што се користи во деловните простории и официјалниот назив утврден во дозволата за работа.
Министерството на сите финансиски друштва кај кои биле утврдени неправилности наложило веднаш да ги отстранат рекламите и натписите во деловните простории што можат да ги доведат граѓаните во заблуда.
Во спротивно, најавено е дека ќе бидат преземени соодветни мерки за заштита на граѓаните како корисници на финансиски услуги.
Законот за заштита на потрошувачите предвидува дека трговска практика се смета за измамничка ако се изоставени суштински податоци потребни за потрошувачот да донесе информирана одлука. Финансиските друштва се должни да користат исклучиво назив наведен во дозволата за работа и да имаат една официјална веб-страница која јасно укажува на кое друштво станува збор.
















