Општина Илинден годинава повторно им нуди поддршка на земјоделците преку обезбедување бесплатни агрохемиски анализи на нивното обработливо земјиште. Акцијата се спроведува во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна, а Јавниот повик е отворен од 17 март до 17 април 2026 година.
„Со овие анализи, земјоделците ќе добијат прецизна слика за состојбата на почвата, што ќе им помогне правилно да ја ѓубрат, да го зголемат приносот и да го подобрат квалитетот на производите, а истовремено ќе придонесат за намалување на загадувањето“, изјави градоначалникот Александар Георгиевски.
За пријавување, земјоделците треба да достават копија од лична карта и имотен лист за катастарската парцела за која се бара анализа. Учесниците ќе бидат избрани по принципот „прв дојден, прв услужен“, а право на учество имаат сите жители со живеалиште на територијата на општина Илинден.
Овој проект е дел од Стратешкиот план за развој на општината и има за цел да обезбеди детални податоци за состојбата на обработливото земјиште и да ја поддржи локалната земјоделска заедница.


















