Во изминатите 24 часа Министерството за внатрешни работи регистрирало осум случаи на семејно насилство низ повеќе градови во Македонија. Во неколку случаи осомничените биле приведени, а полицијата најавува соодветни пријави по целосното документирање на настаните.
Еден од најзагрижувачките случаи е регистриран во Кичево, каде што полициски службеници ја лишиле од слобода 40-годишната Ј.С., откако било пријавено дека во алкохолизирана состојба физички ја нападнала својата малолетна ќерка во семејниот дом.
Во Куманово, утринава бил уапсен 34-годишниот В.В. по пријава од неговата 29-годишна поранешна сопруга, која тврдела дека била физички нападната во неговиот дом. По завршување на истрагата ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Нов случај е регистриран и во скопската населба Чаир, каде што полицијата го привела 46-годишниот Б.М., осомничен дека со тврд предмет физички го нападнал својот малолетен син.
Во Битола, пак, бил уапсен 53-годишниот В.А., откако, според пријавата, во семејниот дом со огнено оружје ѝ се заканувал на својата сопруга. По целосното расчистување на случајот ќе следува соодветна пријава.
Во Прилеп, 50-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својата стрина, а полицијата работи на целосно расчистување на настанот.
Во Росоман, 67-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, кој бил под дејство на алкохол, физички ја нападнал во нивниот дом.
Во Скопје, полициски службеници извршиле службен разговор со 21-годишен жител на градот, осомничен дека ја нападнал својата поранешна 20-годишна партнерка, ѝ упатувал закани и го оштетил нејзиниот мобилен телефон. И за овој случај ќе следува соодветен поднесок.
Уште едно приведување било извршено во Чаир, каде што 38-годишен маж бил лишен од слобода поради сомнение дека физички го нападнал својот 76-годишен очув.
Полицијата информира дека за сите пријавени случаи се преземаат законски мерки и по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави против осомничените лица.




