Цените на становите во Македонија продолжуваат силно да растат, а земјава се најде меѓу пазарите со најголемо поскапување на недвижностите во светот.
Според податоците од „Global House Price Index“ на аналитичката куќа „Knight Frank“, во првиот квартал од 2026 година цените на становите во Македонија пораснале за повеќе од 16 проценти на годишно ниво.
За споредба, просечниот номинален раст на цените на станбените недвижности на 55 следени пазари во светот изнесувал само 1,4 проценти.
На врвот според номиналниот раст е Турција со 26,2 проценти, а по неа Унгарија со 21,4 проценти. Македонија, Португалија и Хрватска се меѓу земјите со годишно поскапување од над 16 проценти.
Разликата е уште повпечатлива кога ќе се земе предвид инфлацијата. Според податоците наведени од Банката за меѓународни порамнувања (BIS), реалните цени на недвижностите во Македонија во првиот квартал од годинава пораснале за околу 13 проценти на годишно ниво. Во исто време, на глобално ниво реалните цени бележат пад.
Ова покажува дека домашниот пазар значително отстапува од глобалниот тренд, при што растот на цените е значително повисок и од светскиот просек и од домашната инфлација.
Како фактори што влијаат врз пазарот се посочуваат ограничената понуда на станови во урбаните центри и условите за финансирање, додека високите цени сè повеќе го отежнуваат купувањето недвижност.








