ПРВ.мк
Македонија

ЦАРИНАТА ВО АКЦИЈА: За еден ден откриени 12 илегални мигранти!

ЦАРИНАТА ВО АКЦИЈА: За еден ден откриени 12 илегални мигранти!

Царински службеници од Царинарница Скопје во текот на еден ден откриле вкупно 12 илегални мигранти од Египет и Судан, при контроли на стока пријавена за увозно царинење на две различни локации.

Од Царинската управа информираат дека двата случаи биле откриени во ист ден, што, според нив, ја покажува будноста на службите и следењето на состојбите поврзани со илегалната миграција.

Првиот случај бил регистриран на царинскиот терминал во Тетово. Царинските службеници уште пред да започнат со физичка контрола на камионот се посомневале дека во товарниот простор може да има илегални мигранти.

Поради сомневањето, била побарана асистенција од Министерството за внатрешни работи. При проверката во товарниот дел биле пронајдени пет лица.

Само два часа подоцна следувал и вториот случај. Во царинскиот терминал Скопје 3, при контрола на стока која била пријавена за увозно царинење, царинските службеници откриле уште седум илегални мигранти.

Вкупно 12-те лица, кои според Царинската управа се со потекло од Египет и Судан, биле предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување.

Од Царинската управа дополнително се повикуваат на последните податоци на Фронтекс, според кои илегалната миграција долж западнобалканската рута бележи пад од 42 отсто.

Според институцијата, податоците покажуваат дека соработката и преземените активности даваат резултати, но контролите и внимателното следење на состојбите остануваат неопходни поради можноста за појава на нови предизвици поврзани со илегалната миграција.