ПРВ.мк
Македонија

ТОШКОВСКИ ГО ПРОМОВИРАШЕ „ONE STOP“ НА ЌАФАСАН – ПОБРЗИ ГРАНИЦИ И ПОМАЛКУ ЧЕКАЊЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ

ТОШКОВСКИ ГО ПРОМОВИРАШЕ „ONE STOP“ НА ЌАФАСАН – ПОБРЗИ ГРАНИЦИ И ПОМАЛКУ ЧЕКАЊЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во присуство на премиерите на Македонија и Албанија, Христијан Мицкоски и Еди Рама, денеска на граничниот премин Ќафасан го промовираше системот „One Stop“, кој овозможува заедничка гранична контрола и значително поедноставување на процедурите за патниците.

Со овој важен чекор Македонија го заокружува процесот на воспоставување на системот „One Stop“ со соседните земји надвор од Шенген-зоната, откако претходно истиот модел беше имплементиран со Србија и Косово.

Резултатите од досегашната примена веќе покажуваат значителни придобивки за граѓаните. На граничниот премин Табановце, по воведувањето на системот, времето на чекање во одредени периоди е намалено од неколку часа на околу 30 минути, и покрај зголемувањето на патничкиот сообраќај за 15 до 20 проценти.

Министерот Тошковски истакна дека слични позитивни ефекти се очекуваат и на Ќафасан, преку побрз проток на патници и возила, намалување на непотребните задржувања, поедноставени процедури и подобра координација меѓу граничните служби.

Целта е јасна – граѓаните да поминуваат помалку време на границите, без да се нарушат ефикасноста и безбедноста на граничните контроли.

Воведувањето на „One Stop“ претставува уште еден значаен чекор во модернизацијата на граничните премини, дигитализацијата на процедурите и зајакнувањето на регионалната соработка.

Со ваквите реформи, Министерството за внатрешни работи продолжува да создава подобри услови за граѓаните, туристите и стопанството, потврдувајќи ја определбата за современи, функционални и ефикасни гранични премини.