Во денешната емисија „Тема на денот“ на Сител телевизија, Ивица Томовски, директор на Службата за односи со јавност (СОЗР), остро реагираше на обвинувањата од СДСМ за наводен непотизам и коруптивни тендери.
– „Апсолутна невистина. Татко ми беше сопственик на компанијата до 2022 година, кога ја продадовме. Од тогаш, ниту јас, ниту мој близок немаме сопственички удел или интерес во компанијата“, нагласи Томовски.
Тој истакна дека ова не е првпат да биде обвинуван за афери кои не држат вода и дека веќе се преземени правни чекори за заштита на неговото име.
– „Не е ова прв пат да бидам обвинуван од СДСМ за разноразни афери кои се невистинити. За овој случај, кој е актуелен деновиве, ветив дека ќе покренам тужба. Утре имам договорено состанок со адвокатите за да ги разгледаме сите можности и секое можно дело“, рече Томовски.
Во врска со обвинувањата дека неговиот телефонски број се користи како контакт на компанијата „Сити Аутсорсинг“, Томовски појасни дека бројот не е во сопственост на фирмата и дека тој лично го плаќа.
– „Телефонскиот број не е во сопственост на компанијата, јас го плаќам. Доколку институциите проверат, ќе видат дека ниту мојот татко, ниту мојот внук немаат никаква врска со компанијата“, додаде Томовски.
Тој изрази подготвеност институциите целосно да го испитуваат случајот и уверување дека по завршувањето на постапката ќе биде издаден документ кој ќе ја потврди неговата невиност.
– „Јас би ја повикал Државната комисија за спречување на корупција и Обвинителството да покренат случај и да донесат одлука. Институциите треба да пресудат што е вистина, а што е лага. По завршувањето на постапката, очекувам документ кој ќе ја потврди мојата невиност, а јас веќе најавив дека ќе покренам тужба“, додаде Томовски.

















