Освен рингишпилот во Луна-паркот, во круг се вртат и институциите околу тоа кој издал дозвола за работа на Зимзоленд и кој е должен да ја контролира неговата работа.
По бројните реакции од жителите во околината, Телма побара одговори од организаторите на зимскиот забавен парк. Тие тврдат дека располагаат со договор за закуп и дозвола за работа од општина Аеродром.
Општината, пак, ја негира одговорноста. Градоначалникот Дејан Митески објасни дека локацијата е приватен имот и дека општината единствено можела да укаже дека просторот не смее да остане запуштен. За поставените реквизити, Митески ја посочи надлежноста на Град Скопје.
Од Градот возвратија дека не издале дозвола, бидејќи тоа било обврска на општината Аеродром.
Додека институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, во Зимзоленд атмосферата останува раздвижена — музика, светилки и детска смеа го исполнуваат просторот во Лисиче.

















