Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, од Брисел истакна дека Македонија никогаш немала и нема намера да отвори мигрантски кампови, отфрлајќи ги шпекулациите за наводен „хаб центар“.
– Македонија ниту размислува, ниту има какви било шанси да стане центар за мигранти или локација за отворање кампови. Такво нешто ниту имало, ниту ќе има – нагласи Тошковски.
Тој посочи дека ваквите идеи се пласирани од страна на опозицијата без основа, и дека Министерството за внатрешни работи не водело никакви разговори за тоа.
Во рамки на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти, Тошковски остварил средби со еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, како и со високи претставници од Пакистан и ИЦМПД, дискутирајќи за евроинтеграциите, координираното управување со границите и борбата против илегалната миграција.
Министерот нагласи дека бројот на нелегални мигранти кои транзитираат низ Македонија е намален за околу 10 проценти, со пад на мигранти од Сирија и раст од Авганистан. Исто така, ги презентирал акциите против трговијата со дрога, со заплена на повеќе од два тона марихуана, 11 килограми амфетамин и околу седум килограми хероин.
Тошковски оцени дека дискусиите биле плодни и најави интензивирање на борбата против криумчарењето мигранти и организираниот криминал.

















