Владимир Блажев-Панчо, членот на популарното дуо ДНК, кој денеска го напушти овој свет, имаше живот исполнет со борби и предизвици уште од детството. Растел без татко, а неговата покојна мајка Каќуша го израснала со огромна посветеност и жртви.
„Таа се снаоѓаше да ме изгледа како што знаеше и умееше. Позајмуваше пари од лихвари, многу работеше, само да ме изведе на вистински пат“, изјавил Панчо во една прилика.
Во емисијата „Еден на Еден“ открил дека бил многу палаво дете, често бегајќи од часови, за што го прекорувала неговата сестра Јадранка. Еднаш дури ѝ избегал низ прозорецот од домот за да не биде казнет.
„Можеби само би сакал да бидам помирен за сега веќе мојата покојна мајка да беше поспокојна. Мајка ми иако беше жена-ѕвер, беше само самохрана мајка на едно палаво дете, кое беше отсекогаш бунтовник без причина каков што сум и денес. Имав голема фамилија, иако во реалниот живот се имавме само јас, сестра ми Кики (Јадранка) и мојата Ана која ден-денес ми е исто како сестра. И горд сум на сè што сум поминал, бидејќи тоа ме изградило во човек каков сум сега“, споделил Панчо за Бети.мк.
Мајката на Панчо почина пред 11 години, по долга борба со рак, а тој и неговата сестра беа најголема поддршка во тие тежки моменти.
Панчо почина денеска во Скопје, по седум месеци лекување од повредите здобиени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 октомври. Неговата животна приказна останува сведоштво за храброст, борбеност и љубов кон семејството.