ПРВ.мк
Македонија

Мицкоски: Трошиме милијарди евра a еве што добиваат граѓаните

Мицкоски: Трошиме милијарди евра a еве што добиваат граѓаните

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, при денешната посета на целосно обновеното одделение на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентниот центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје, испрати јасна порака за неопходни промени во здравствениот систем.

Во изјава за медиумите, Мицкоски истакна дека по завршувањето на локалните избори Владата ќе започне со сериозни структурни реформи во здравството, нагласувајќи дека државата годишно троши огромни средства, но резултатите не ја одразуваат таа инвестиција.

„Имам чувство дека секоја година трошиме околу една милијарда евра, а граѓаните и пациентите не го добиваат она што навистина го заслужуваат. Истото важи и за здравствените работници. Во системот има премногу надворешни влијанија кои мора да станат минато доколку сакаме здравство во кое сите ќе бидат задоволни“, изјави Мицкоски.

Тој упати честитки до директорот на клиниката и министерот за здравство за поддршката и напорот, како и до сите медицински работници кои, како што рече, „работеле во услови кои не биле достојни за нивниот труд“.

Мицкоски додаде дека ова е само почеток на една поширока иницијатива за целосно подобрување на здравствениот систем, со цел пациентите конечно да почувствуваат конкретни резултати од вложените пари.

Escape