Министерот за здравство Аазир Алиу најави дека сериозно се разгледува можноста за воведување задолжителни токсиколошки тестови за здравствените работници, по скандалот со поранешниот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, кој беше снимен во компромитирачка ситуација.
„Една од можностите што ќе ја разгледаме е дали во некои од законите може да биде вметнат и тој член“, изјави Алиу, додавајќи дека ваквата мерка би се вовела со цел да се зачува интегритетот и довербата во здравствениот систем.
Министерот откри дека во рамки на Министерството за здравство функционираат 12 работни групи кои работат на измени и усогласување на законите поврзани со здравството, за да се спречат вакви случаи и да се избегнат правни колизии.
Алиу додаде дека санкциите за идни вакви случаи ќе бидат јасно дефинирани и построги: „Во вакви ситуации постојат индикатори, и доколку се отстапува од нив, мора да се предвидат соодветни мерки и санкции“.
Со ваквиот потег, Министерството за здравство најавува нова ера на контрола и одговорност во медицинската фела – чекор што може да стане преседан и за други јавни институции.