Во Кривичниот суд во Скопје, на продолжението од судењето за случајот со Ивана и Катја, кои трагично починаа на 2 март 2026 година по пад од балкон во населбата Тафталиџе, сведокот Мартин Саздов го опиша настанот кој се случил во август 2025 година.
Саздов сведочеше дека тој порано бил во близок круг со обвинетиот Стојанче Јовановски и девојките, но се дистанцирал откако дознал дека Јовановски бил во врска со неговата девојка.
„Во август 2025 година ми се јави Ивана околу 1 часот навечер, плачеше. Ми рече: ‘Извини што ти ѕвонам толку касно, немам на кого да му се јавам, јас и Катја сме пред Штип, може ли да дојдеш да не земеш, Стојанче не не тепаше и не исфрли од кола’“, сведочеше Саздов.
Тој веднаш тргнал да ги побара, додавајќи дека девојките се криеле зад банкина на автопатот кон Скопје. „Ивана беше целата модра, искубана, плачеа двете со Катја“, рече Саздов, истакнувајќи дека Ивана изразила страв да се врати дома.
Сведокот ги однел кај него дома за да бидат безбедни, објаснувајќи дека сестра му била дома и дека им овозможил да бидат на сигурно пред да тргне на работа.
Во овој предмет, Стојанче Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство, а судењето продолжува со изведување на докази и сослушување на сведоци за околностите што довеле до трагичниот настан.



















