Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против двајца полициски службеници од Струга, кои се осомничени за кривичното дело „малтретирање во вршење на службата“.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ја доставил пријавата до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализираното одделение за постапување по кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.
Според МВР, станува збор за полицискиот службеник Т.М. од Полициската станица Струга и И.Ш., главен полицаец за вршење увид на сообраќајни незгоди во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во Струга.
Според сомневањата, на 14 мај 2026 година, во просториите на Полициската станица Струга, при спроведување на лице кое претходно било лишено од слобода, двајцата употребиле прекумерна физичка сила. Иако лицето било со ставени лисици, тие наводно го удирале со раце и нозе.
Покрај кривичната пријава, против двајцата ќе биде поведена и дисциплинска постапка. До нејзиното завршување, ќе им бидат одземени службеното оружје и муницијата, а ќе бидат и суспендирани од работните задачи, соопшти Министерството за внатрешни работи.






