ПРВ.мк
Македонија

СУДЕЊЕТО ЗА „ОНКОЛОГИЈА 2“ ПОВТОРНО ОД ПОЧЕТОК: Васев и Нухи повторно се изјаснија пред судот, одбраната реагираше на новите докази!

СУДЕЊЕТО ЗА „ОНКОЛОГИЈА 2“ ПОВТОРНО ОД ПОЧЕТОК: Васев и Нухи повторно се изјаснија пред судот, одбраната реагираше на новите докази!

Судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој се обвинети поранешните медицински и економски директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, денеска повторно започна од почеток во Основниот кривичен суд Скопје. Причината е промената на еден од членовите на Судечкиот совет.

Предметот повторно го води судијката Славица Наумова-Јосифовска, но поради измената во составот на судскиот совет, постапката мораше да започне одново.

Ова не е првпат судењето за „Онкологија 2“ да се враќа на почеток. Истото се случи и во ноември 2025 година, кога дојде до промена на еден од поротниците во Судечкиот совет. Тогаш обвинителството и одбраната се согласија претходно изведените материјални докази и сослушаните сведоци да бидат само прочитани, без повторно да се спроведува целата доказна постапка.

Обвинението го застапува обвинителката Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). На почетокот на денешното рочиште таа изјави дека останува на воведните зборови што веќе ги презентирала пред судот.

Поранешните директори, Нино Васев и Нехад Нухи, повторно се изјаснија дека не се виновни за делата што им се ставаат на товар.

Првообвинетиот Васев пред судот изјави дека не се чувствува виновен.

„Не. Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар“, рече Васев.

И второобвинетиот Нехад Нухи ја негираше вината, но посочи дека не му е јасно обвинението против него и дека смета оти тоа нема поврзаност со неговото работење во Клиниката.

„Не во јазична форма. Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет, бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката“, изјави Нухи.

На рочиштето беа изнесени и ставовите на одбраната. Адвокатот Боби Спирковски, кој го брани Нино Васев, во воведниот говор оцени дека обвинението не е поткрепено со реални докази, туку се темели на претпоставки и, како што рече, вештачки конструкции. Според одбраната, единствениот можен исход во постапката е ослободителна пресуда за Васев поради недостиг на докази.

Спирковски нагласи дека одбраната ќе се обиде да докаже оти не постои основано сомнение за делото што му се става на товар на неговиот клиент, посочувајќи на системски пречки и административни постапки кои, според него, биле легитимни.

Тој истакна дека Васев не можел да ги изврши делата за кои е обвинет и дека не постојат докази за директна умисла или за стекнување имотна корист.

Адвокатот оцени дека обвинителството се обидува да прикаже оти Васев, како директор на Клиниката, несовесно управувал со установата. Сепак, според одбраната, тој ја водел Клиниката во услови на недоволно финансирање и сериозни системски и административни проблеми, вклучително и недостиг на лекови.

Во текот на денешното рочиште, судот ги информираше странките дека на претходното рочиште од Обвинителството била доставена листа со дополнителни докази. Станува збор за финансиско-материјална документација, како и барања и документи од Клиниката за радиотерапија и радиологија, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и повеќе добавувачи.

На предложените нови докази реагираше адвокатката Анета Бегова, која го застапува второобвинетиот Нехад Нухи. Таа посочи дека доказите вообичаено се доставуваат со поднесувањето на обвинителниот акт и изрази незадоволство поради тоа што обвинителството во оваа фаза предлага дополнителен доказен материјал.

Бегова потсети дека обвинетите поминале 13 месеци во притвор врз основа на доказите што тогаш му биле презентирани на судот, поставувајќи прашање зошто сега се доставуваат нови документи.

„Не знам зошто сега не чини, ако се знае дека овие луѓе беа во притвор 13 месеци врз основа на тој доказен материјал. Зошто сега овој доказен материјал не чини и се поднесува нов. За мене 13 месеци притвор не е мерка, туку казна“, изјави адвокатката.

Обвинението против поранешните директори Нино Васев и Нехад Нухи се однесува на наводни злоупотреби, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година. Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт во јуни 2025 година.

Според наводите на обвинителството, двајцата незаконски набавувале лекови, а потоа ги прикривале набавките преку фиктивни тендери. Во обвинението се наведува и дека присвојувале дел од терапијата, со што, според пресметките на обвинителството, буџетот бил оштетен за речиси 36 милиони евра.

Покрај овој предмет, против Нино Васев и уште двајца лекари онколози се води и одделна постапка позната како „Онкологија 1“, која се однесува на обвиненија за несовесно лекување пациенти.

Најнови вести