ПРВ.мк
Македонија

ПО 15 ГОДИНИ ПОВТОРНО СТИГНУВААТ ЕКСПЕРТИ ОД ОН ВО МАКЕДОНИЈА: Ќе проверуваат колку се подготвени институциите за борба против тероризмот!

ПО 15 ГОДИНИ ПОВТОРНО СТИГНУВААТ ЕКСПЕРТИ ОД ОН ВО МАКЕДОНИЈА: Ќе проверуваат колку се подготвени институциите за борба против тероризмот!

По цели 15 години, Македонија повторно ќе биде предмет на детална евалуација од експертите на Обединетите нации во областа на борбата против тероризмот. Во текот на петдневната посета на Скопје, претставниците на ОН ќе ја анализираат работата на надлежните институции, ќе го оценуваат досегашниот напредок, но и ќе ги посочат слабостите и областите во кои се потребни дополнителни активности.

Официјалниот почеток на посетата денеска го означи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со делегацијата на Извршната дирекција на Комитетот за борба против тероризмот при Советот за безбедност на Обединетите нации (CTED). Делегацијата ја предводи заменик-директорката Кармен Кантор.

Во текот на евалуацијата, посебно внимание ќе биде посветено на националните механизми за спречување и сузбивање на тероризмот, контролата и безбедноста на границите, спречувањето на финансирањето терористички активности, како и мерките што се преземаат за спречување на радикализацијата.

Министерот Тошковски истакна дека тероризмот и насилниот екстремизам постојано ги менуваат своите форми и начини на дејствување. Поради тоа, според него, институциите мора постојано да ги унапредуваат своите капацитети, да ја подобруваат меѓусебната координација и да ја зајакнуваат размената на информации.

Меѓу приоритетите што ги најави министерот е и ревидирањето на Националната стратегија за борба против тероризмот, со цел таа да одговори на актуелните безбедносни предизвици.

Дополнително, се планира формирање специјализирана единица која ќе биде задолжена за следење и сузбивање на терористички содржини на интернет. Најавено е и зајакнување на институционалната подготвеност за справување со хибридни закани, како и подобрување на заштитата на критичната инфраструктура.

Според Тошковски, посетата на експертите на ОН е можност објективно да се согледа што досега е постигнато во оваа област, но и да се утврди со какви предизвици сè уште се соочуваат институциите.

Петдневната евалуација треба да даде појасна слика за состојбата во земјата и да послужи како основа за утврдување на идните чекори во унапредувањето на системот за спречување и борба против тероризмот.