ПРВ.мк
Македонија

СТРУЧНОСТ И СРДЕЧНОСТ НА ЕДНО МЕСТО: Струшката Нефрологија останува врвен регионален центар за грижа на пациентите

СТРУЧНОСТ И СРДЕЧНОСТ НА ЕДНО МЕСТО: Струшката Нефрологија останува врвен регионален центар за грижа на пациентите

ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга продолжува да биде еден од најважните регионални центри за нефрологија и урологија, препознатлив по третманот и дијализата на пациенти со потешка здравствена состојба на кои им е потребна најсложена медицинска грижа.

При денешната посета на болницата и средбата со директорот д-р Јетмир Зиба и здравствените работници, беа истакнати импресивните резултати и бројки кои ја потврдуваат клучната улога на оваа установа.

Рекордни бројки и современа медицинска нега

Статистиката за изминатата година ја прикажува огромната оптовареност и посветеност на медицинскиот тим:

  • 16.681 остварени хемодијализи за пациентите со бубрежни заболувања.
  • 738 реализирани крвни пристапи (АВ фистули) неопходни за процесот на дијализа.
  • Речиси 16.000 прегледи во нефролошката и над 7.300 прегледи во уролошката амбуланта.
  • 1.381 хоспитализиран пациент на Нефролошкото одделение.

Болницата постојано се осовременува со нови машини за дијализа и нова анестезиолошка опрема, а како пионер во здравствениот туризам уште од пред 40 години, установата однеодамна е достапна и преку глобалната платформа „Booking Dialysis“ за странски пациенти.

Односот на персоналот како дел од терапијата

Најголема потврда за работата доаѓа директно од самите пациенти кои со години неколку пати неделно доаѓаат на третмани. За нив, професионалноста, топлиот збор и хуманиот однос на лекарите и медицинските сестри претставуваат рамноправен дел од самата медицинска терапија.

Предизвик: Навремена генерациска смена на кадарот

Главниот предизвик со кој се соочува болницата во следниот период е заминувањето на голем број искусни медицински сестри во пензија. За да не се изгуби драгоценото знаење и искуство, веќе се планираат чекори за навремена замена и пренесување на практичната едукација на помладите генерации здравствени работници.