Франкфуртскиот суд го осуди анестезиологот Гералд В. на 13 и пол години затвор за убиство и обид за убиство во уште три случаи, по трагичниот настан во забарска ординација во Кронберг, Германија.
Четиригодишната Емилија починала откако ѝ била дадена анестезија за рутинска стоматолошка интервенција, а судското веќе заклучи дека девојчето најверојатно ќе преживеало доколку итно била повикана медицинска помош.
Користел загаден лек и иста бочица за четири деца
Истрагата откри катастрофални хигиенски и професионални пропусти во работата на анестезиологот:
- Инфекција кај сите пациенти: Четири деца кои тој ден примиле анестезија добиле труење на крвта бидејќи анестетикот (пропофол) им бил инјектиран од иста, контаминирана бочица.
- Прикривање на грешката: Наместо веднаш да повика Итна помош кога состојбата на Емилија се влошила, лекарот со часови ги убедувал нејзините мајка и баба дека нема потреба да одат во болница, обидувајќи се сам да ги прикрие своите пропусти.
Останатите три деца исто така биле во животозагрозувачка состојба и завршиле на респиратори во Универзитетската болница во Франкфурт, но за среќа го преживеале труењето.
Судијата до лекарот: „Што, за бога, мислевте?“
За време на изрекувањето на пресудата, претседавачот на судскиот совет директно му се обрати на анестезиологот со прашањето: „Што, за бога, мислевте?“, изразувајќи неверување како лекар со долгогодишно искуство свесно го одложувал повикувањето помош и веќе следниот ден продолжил со работа во друга ординација.
Ова беше повторено судење откако првичната пресуда од 10 и пол години за убиство од небрежност беше укината по жалба на обвинителството, со што делото беше преквалификувано во убиство со умисла за прикривање грешка. Пресудата сè уште не е правосилна.







