Тешка сообраќајна несреќа ја потресе Македонија – на патот Прилеп–Градско вчера попладне животот го загубија двајца млади луѓе, а уште петмина се здобиле со тешки повреди. Според првичните информации од Прилепското обвинителство, до несреќата дошло при обид за претекнување, кога две возила што се движеле во иста насока се судриле со силен удар.
На местото на трагедијата, увид извршил јавен обвинител кој издал наредби за прибирање траги, докази и вештачења на возилата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, додека кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или психоактивни супстанции.
Меѓу првите кои пристигнале да помогнат бил и познатиот доктор Ненад Лазаров, кој случајно се нашол во близина на местото на несреќата. Шокиран од она што го видел, докторот своето сведоштво го сподели на социјалните мрежи.
„Ве молам и апелирам до сите возачи – возете внимателно. Јас сум лекар 15 години, но вакво нешто немам видено досега. Сцените беа повеќе од хорор. Сите повредени и загинатите се млади луѓе, најстариот околу 40 години. Да се молиме петтемина повредени да преживеат“, напиша тој на „Фејсбук“.
Несреќата остави трага на целата јавност, особено поради фактот што сите жртви се во најубавите години од својот живот. Апелите за поголема внимателност во сообраќајот повторно одекнуваат, со надеж дека вакви трагедии нема повеќе да се повторат.
















