Фотографиите од Велес, создадени во периодот од втората половина на XIX век до крајот на XX век, претставуваат вредно сведоштво за архитектонскиот развој и изгледот на градот низ различни историски периоди.

Низ старите панорами може да се забележи препознатливата терасеста поставеност на Велес покрај реката Вардар, како и богатото градителско наследство кое со децении го обликувало неговиот идентитет. Авторите на објавата посочуваат дека голем дел од ова наследство денес е исчезнато или значително изменето, што отвора прашања за односот кон заштитата на историските градски јадра.

Во текстот се наведува дека по Втората светска војна градовите во Македонија започнале интензивно да се развиваат во духот на модерната архитектура. Иако тоа било дел од современите урбанистички текови, според авторите, во тој процес биле изгубени бројни вредни објекти и амбиентални целини.
За Велес се истакнува дека и денес ја задржал својата препознатлива конфигурација, но дека голем дел од архитектурата е променета со доградби, импровизации и недоволно усогласен урбан развој.

Преку споредбата на историските фотографии со денешната состојба, авторите упатуваат апел за поголема заштита и ревитализација на преостанатото архитектонско наследство, нагласувајќи дека зачувувањето на автентичните градски целини е важно за идентитетот, културата и историјата на македонските градови.












