Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага против двајца мажи на возраст од 44 и 46 години, кои се сомничат за тешко кривично дело – Тешка телесна повреда, согласно член 131 од Кривичниот законик.
Случајот се случил вечерта на 10 септември во паркот „Жена борец“, лоциран во строгиот центар на Скопје. Според првичните информации, осомничените и жртвата заеднички консумирале алкохол, по што дошло до вербална расправија. Таа брзо ескалирала во физички напад, при што двајцата осомничени, со тупаници и клоци, му нанеле тешки телесни повреди на мажот.
Жртвата била веднаш пренесена во здравствена установа, но и покрај напорите на лекарите, починала два дена подоцна, како резултат на сериозноста на повредите.
Поради тежината на делото и можноста осомничените да се дадат во бегство, обвинителството поднесе предлог до Основниот кривичен суд – Скопје за определување мерка притвор.