Досегашната пракса според која странските возачи можеле да направат сообраќаен прекршок снимен од камерите на системот „Безбеден град“, а потоа да ја напуштат земјата без да бидат санкционирани, наскоро треба да стане минато.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат воведување нов начин на постапување со возачите на автомобили со странски регистарски таблички кои ќе бидат евидентирани дека направиле прекршок или кривично дело на територијата на Северна Македонија.
Новината првично ќе започне да се применува на граничниот премин Табановце. Тоа значи дека странските возачи кои ќе бидат регистрирани од системот „Безбеден град“ дека сториле сообраќаен прекршок, при излез од државата ќе бидат информирани дека имаат утврден прекршок.
Од МВР објаснуваат дека на возачот ќе му биде издаден записник за сторен сообраќаен прекршок, заедно со прекршочен платен налог.
Потоа, на странскиот возач ќе му биде дадена можност да ја плати изречената глоба. Доколку не сака да ја плати, случајот ќе може да биде проследен до надлежниот суд, каде што ќе се спроведе брза постапка.
„Системот ‘Безбеден град’ деновиве ќе започне со функционирање на Граничниот премин Табановце, каде на сите возачи на возила со странски регистарски таблици кои истиот ги евидентирал дека сториле прекршок или кривично дело на територија Република Северна Македонија, ќе им се соопшти дека сториле прекршок, ќе им се издаде Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, по што ќе им се понуди да платат или ќе бидат изведени до надлежен суд по брза постапка“, соопштуваат од МВР.
Планот е овој начин на постапување постепено да биде воведен и на останатите гранични премини во земјата.
Промената е особено значајна во летниот период, кога низ македонските патишта минуваат голем број автомобили со странски регистарски ознаки. Дел од нив се туристи, а дел транзитираат низ земјата по Коридорот 8 и Коридорот 10.
Досега камерите на системот „Безбеден град“ можеле да ги регистрираат прекршоците, но проблемот бил како ефикасно да се стигне до странскиот возач и да му се изрече санкција пред тој да ја напушти државата.
На пример, доколку возач со странски регистарски таблички вози со 80 километри на час на делница каде што максималната дозволена брзина е 50 километри на час, прекршокот може да биде снимен, но досегашниот систем не овозможувал едноставно санкционирање на возачот пред да ја напушти Македонија.
Токму затоа новиот механизам треба да овозможи поврзување на работата на системот за автоматско регистрирање со контролите на граничните премини.
Во меѓувреме, на патиштата и понатаму остануваат полициските „пресретнувачи“ како една од главните мерки за откривање на прекршоците кај странските возачи.
Од МВР наведуваат дека полициски екипи се присутни на клучните транзитни правци, особено на делниците поврзани со Коридорот 8 и Коридорот 10.
Сепак, поради огромниот број возила што во текот на летната сезона минуваат низ земјата, невозможно е полициските патроли физички да го регистрираат секој прекршок. Токму поради тоа, автоматизираниот систем „Безбеден град“ се очекува да има сè поголема улога во контролата на сообраќајот.
Откако новиот начин на санкционирање ќе започне да се применува на Табановце, останува да се види како ќе функционира во практика и колку ефикасно ќе овозможи странските возачи да бидат санкционирани за прекршоци направени додека се движат низ Македонија.
Во план е системот постепено да биде проширен на сите гранични премини, со што странските возачи повеќе нема да можат едноставно да ја напуштат земјата без да одговараат за прекршок кој претходно бил регистриран од камерите.





