ПРВ.мк
Македонија

Спортски Игри Велес 2026 пред рекордно издание: Над 700 натпреварувачи, повеќе од 100 странци и спектакл во Градски парк

Спортски Игри Велес 2026 пред рекордно издание: Над 700 натпреварувачи, повеќе од 100 странци и спектакл во Градски парк

Во пресрет на јубилејното петто издание на Спортски Игри Велес 2026, денеска се одржа прес-конференција на која беа најавени деталите за еден од најмасовните спортски настани во Македонија, кој од 1 до 6 јуни ќе се одржи во Градски парк Велес.

На прес-конференцијата присуствуваа Бубе Црвенпанов, дел од организацијата на Спортските Игри, градоначалникот на Велес Марко Колев, Жарко Спасовски, дел од организацијата на турнирот во мал фудбал, како и Трајче Миланов, дел од организацијата на одбојката на песок.

Црвенпанов истакна дека за него е чест и задоволство што оваа спортска приказна прераснала во јубилејно издание. Според најавите, годинава се очекува рекордно учество со над 700 натпреварувачи, повеќе од 100 странски учесници, како и фудбалска екипа од Турција која ќе настапи во малиот фудбал.

Градоначалникот Марко Колев нагласи дека Спортските Игри започнале како прекрасна идеја, која пред пет години била претставена пред него и веднаш добила поддршка. Тој им се заблагодари на организаторите за трудот, посветеноста и визијата, посочувајќи дека спортот ги обединува граѓаните, носи насмевка и создава позитивна енергија надвор од секојдневните обврски.

Колев истакна дека Општина Велес, Советот и општинските служби даваат максимална поддршка на настанот. Наградниот фонд годинава изнесува над 1 милион денари, од кои 600.000 денари се обезбедени од Општината. Дополнително, општината е вклучена и во целокупната логистика, уредување на паркот, ангажирање на јавните претпријатија, како и користење на спортската сала, просториите и капацитетите потребни за организација.

Црвенпанов упати благодарност до сите институции кои се дел од логистичката поддршка на настанот, меѓу кои ЈП „Парк – Спорт и Паркинзи“ Велес, ЈКП „Дервен“, Здравствен дом Велес, интернатот „Лазар Лазаревски“, каде традиционално се сместуваат интернационалните учесници, како и до пожарникарите кои се дел од поддршката на терен.

Трајче Миланов, кој е дел од организацијата на одбојката на песок, го честиташе јубилејот на Бубе, Гордан и Филип, истакнувајќи дека уште од првата година настанот привлекува интернационални учесници. Според него, фактот што дел од нив се враќаат секоја година е најдобар доказ дека им се допаѓаат организацијата, дружењето и квалитетот на спортскиот настан. Годинава одбојката на песок ќе се игра во три категории: мажи, жени и микс.

Жарко Спасовски, дел од организацијата на малиот фудбал, порача дека оваа манифестација за кратко време прераснала во една од најдобрите во Македонија. Тој посочи дека фондот на екипи во мал фудбал бил исполнет за само 24 часа, со вкупно 20 екипи, што е уште една потврда за огромниот интерес. Спасовски упати благодарност до велешани и до сите од Македонија кои ја препознаа оваа идеја, потсетувајќи дека во изминатите години трибините и паркот биле исполнети до последниот свиреж, дури и до раните утрински часови.

Организацијата изрази благодарност и до Министерството за спорт, кое веќе четврта година е поддржувач на настанот, како и до министерот за спорт Борко Ристовски. Благодарност беше упатена и до генералните партнери и спонзори, меѓу кои ВЛТ – Државна видео лотарија на Македонија, како и до сите компании од цела Македонија кои помогнале оваа идеја да продолжи да расте.

Црвенпанов посебно им се заблагодари и на своите колеги Гордан Јорданов и Филип Алчев, за кои истакна дека неуморно работат и го оставаат срцето на терените во паркот за манифестацијата да биде во најдобар ред. Благодарност беше упатена и до организаторите на 3x3 баскетот, Петар Виларов и Донче Бојчев, како и до организаторите на тенисот, Костадин Петров и Влатко Јаковлевски.

Оваа година Спортските Игри носат и нова категорија – женски фудбал, која веќе е целосно пополнета со 6 екипи. Покрај спортската програма, најавен е и богат забавен и угостителски дел, со food corner во кој ќе има 8 штандови за храна и 3 до 4 штандови за пијалоци, како и повеќе нови содржини за посетителите.

Отворањето на Спортски Игри Велес 2026 е закажано за 1 јуни во 20:00 часот, а организаторите најавуваат и мали изненадувања за публиката.

Градоначалникот Колев и организаторите упатија заедничка покана до сите велешани, но и до сите љубители на спортот од Македонија, масовно да го посетат Градски парк Велес од 1 до 6 јуни, затоа што ова не е само натпреварување, туку настан што ги спојува спортот, дружењето, публиката и позитивната енергија.

Најнови вести