Ј.П. „Комуналец“ Кавадарци, во соработка со Општина Кавадарци, започна со реализација на проект за откривање дефекти и истекувања во водоводната мрежа, со примена на современа технологија за поефикасно управување со водните ресурси.
Во рамки на овие активности, директорот на ЈП „Комуналец“ потпиша Меморандум за соработка со компанијата „Екотип“ (Ecotip), со цел примена на современи технолошки решенија за откривање дефекти и намалување на загубите на вода во водоводната мрежа.
Проектот предвидува поставување на 20 акустични сензори на карактеристични локации во градската водоводна мрежа. Преку 24-часовни мерења и обработка на податоците со специјализиран софтвер, ќе се овозможи попрецизно лоцирање на потенцијалните истекувања и дефекти.
Активностите започнуваат на улиците „Ѓорѓи Соколов“ и „Шишка“, а во наредниот период ќе продолжат и на улиците „Илинденска“, „Тиквешко востание“ и на други локации низ градот.
Со примената на оваа технологија ќе се овозможи откривање дефекти што тешко се забележуваат со вообичаените методи, без непотребно оштетување на постојната инфраструктура. Очекуваните придобивки се намалување на загубите на вода, побрзо санирање на дефектите и поефикасно одржување на водоводната мрежа.
Преку соработката со Општина Кавадарци и компанијата „Екотип“, ЈП „Комуналец“ продолжува со воведување современи решенија за унапредување на комуналните услуги и поодговорно управување со водните ресурси, во интерес на сите граѓани.








