Царински инспектори открија психотропни супстанци при претрес на стан во Гостивар, каде што престојувала студентка, државјанка на Република Турција.
Претресот бил извршен по налог од Основното јавно обвинителство, откако било утврдено дека студентката примила авионска пратка од Белгија, заведена под називот „нотес“. По отворањето на пратката, биле откриени сомнителни материи, по што веднаш следувал претрес.
При акцијата биле пронајдени:
- 6 таблети со вкупна тежина од 0,29 грама метилендиоксиметамфетамин (MDMA),
- 1,63 грама мефедрон,
- марихуана,
- 10 семки од канабис.
Запленетите супстанци се испратени на вештачење, кое го потврдило нивниот хемиски состав.
Против студентката е поднесена кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик.