Во Мадагаскар избувна вистински хаос откако илјадници гневни граѓани излегоа на улиците барајќи оставка од претседателот Андри Раџоелина. По неколкунеделни протести и жестоки судири со безбедносните сили, претседателот бил принуден да ја напушти земјата, а според информациите на RFI, евакуацијата била извршена со француски воен авион по барање на францускиот претседател Емануел Макрон.
Француската амбасада во Антананариво претходно категорично негираше можност за воена интервенција, но сега извори тврдат дека операцијата била итна и координирана за да се избегне можен линч. Опозицијата веќе го прогласи Раџоелина за разрешен поради „напуштање на функцијата“, додека неговото моментално престојувалиште е непознато.
Протестите, предводени од т.н. „Генерација Z“, започнаа пред еден месец како реакција на хроничниот недостиг од вода и електрична енергија. Со текот на времето тие прераснаа во бунт против сиромаштијата, корупцијата и лошото управување, што резултираше со повеќе од 20 жртви и десетици повредени.
Мадагаскар, земја со околу 30 милиони жители, од кои три четвртини живеат во сиромаштија, со години се соочува со економски пад и политичка нестабилност. Според податоците на Светската банка, БДП по глава на жител се намалил за речиси 45 проценти од стекнувањето независност во 1960 година до денес.
Во меѓувреме, земјата останува без официјален лидер, додека опозициските партии најавуваат создавање на привремена влада и нови избори во наредните месеци.