Министерството за здравство информира дека е во тек дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи. Граѓаните што се пријавиле за бесплатна вакцинација ќе бидат известени со СМС порака за терминот за вакцинација во текот на неделава.
Вакцинацијата ќе се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет се во Скопје. Министерството потсетува дека пријавувањето за бесплатна вакцинација е во тек и се однесува на ризичните групи население. Тие можат да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени:
- Повозрасни лица над 65 години
- Лица со хронични заболувања
- Здравствени работници
- Бремени жени
- Деца на возраст од 6 месеци до 5 години
- Лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи
Министерството нагласува дека вакцинацијата претставува најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Годинава се набавени 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија.