Со Сејф сити МВР би требало да казнува од 5 до 11 илјади возачи дневно за различни сообраќајни прекршоци, покажаа резултатите од пробното тестирање. Главно станува збор за прекршоци како брзо возење, минување на црвено и неправилно паркирање, а бројките алармираат дека граѓаните мораат да ја променат навиката на возење.
Според пробното тестирање, на 31 јули 2025 година се регистрирани 9.900 прекршоци за брзина, при што имало и возила кои се движеле со над 200 км/ч, а 80 возила минале на црвено светло. За споредба, со актуелниот начин на контрола, полицијата успева да евидентира околу 500 казни на ден.
Системот ќе овозможи автоматско известување на граѓаните по електронски пат, со линк за преземање на записникот, платниот налог и фото доказ од сторениот прекршок, како и упатства за последиците доколку не се отвори линкот.
Со новите законски измени, казни ќе има и за пешаци, велосипедисти, мотоциклисти и корисници на електрични тротинети кои користат мобилни уреди или слушалки – дозволена е само една слушалка на уво. Предложените казни се 40 евра за пешаци и 50 евра за возачи.
Македонија и натаму е на врвот по број на жртви во сообраќајот, а автоматизацијата преку „Сејф сити“ се очекува да го намали бројот на прекршоци за дури 90 проценти.
















