Полицијата привела 30-годишен државјанин на Албанија откако во текот на ноќта со автомобил излетал од правецот на движење и удрил во заштитна бетонска ограда во Охрид. При проверката со алкотест, кај него биле измерени високи 1,75 промили алкохол во крвта.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 15 септември во 1:35 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид бил лишен од слобода Ј.Ј. (30), државјанин на Република Албанија.
Според информациите од полицијата, непосредно пред приведувањето тој управувал патничко возило „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки. Движејќи се по булеварот, со автомобилот удрил во заштитната бетонска ограда поставена меѓу двете коловозни ленти.
По сообраќајниот инцидент, полициските службеници извршиле алкотестирање, при што било утврдено дека 30-годишникот имал 1,75 промили алкохол во крвта.
Поради утврдената состојба, тој веднаш бил исклучен од сообраќај, а полицијата му ги одзела и возачките документи.
По насока на јавен обвинител, дополнително било одземено и возилото со кое управувал.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, против Ј.Ј. ќе биде поднесена кривична пријава согласно член 297-а од Кривичниот законик, за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.





