ПРВ.мк
Македонија

Македонката што прегази куче во Црна Гора осудена на казна затвор - еве колку доби!

Македонката што прегази куче во Црна Гора осудена на казна затвор - еве колку доби!

Основниот суд во Улцињ ја прогласи за виновна Сашка Стојановска (43) од Скопје и ѝ изрече затворска казна од 45 дена за кривичното дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“.

Според пресудата, случајот се случил на 24 јули 2026 година околу 15 часот во Улцињ, на булеварот „Теута“, во населбата Улцињско Поле, во близина на хотелот „Хоти“.

Стојановска управувала автомобил „мерцедес“ кога, според утврденото во постапката, најмалку двапати поминала со возилото преку куче од расата шарпланинец, кое било сопственост на оштетениот.

Животното при настанот се здобило со повреди од кои подоцна угинало.

Судот ги зел предвид и олеснителните околности

При определувањето на висината на казната, судот ги разгледал и личните и семејните околности на обвинетата.

Како олеснителни околности биле земени предвид тоа што Стојановска е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, како и фактот дека претходно не била осудувана.

Судот ја зел предвид и нејзината битно намалена пресметливост во моментот на извршувањето на делото. Таа околност била утврдена врз основа на наод и мислење од вештак – психијатар.

Во пресудата е наведено дека судот не утврдил околности што би ја отежнувале вината на обвинетата.

Од Основниот суд во Улцињ оцениле дека казната од 45 дена затвор е соодветна на тежината на кривичното дело, личноста на обвинетата и околностите под кои било извршено.

Според судот, казната треба да ја исполни целта на казнувањето, односно да влијае врз спречување на идно противправно однесување, но и да испрати јасна порака дека мачењето и убивањето животни претставуваат однесување што заслужува општествена осуда.

Во изречената затворска казна ќе ѝ биде пресметано и времето што Стојановска го поминала во притвор. Тоа се смета од 24 јули 2026 година, почнувајќи од 20:30 часот.